Евроинтеграции: Земјите кандидати соочени со можни блокади
Земјите кандидати за прием во Европската унија се соочуваат со блокада од земјите членки поради нерешени отворени билатерални прашања, но и се помала поддршка на населението поради оддолжувањето на евроинтегративниот процес. Европа зафатена од криза и проблеми со екстремизмот, назадува во промоцијата на демократијата…

Интегрирањето во Европската унија е мотивирачки фактор за демократските реформи во земјите кандидати. Оддолжувањето на проширувањето поради билатерални спорови и спротивставувањата од страна на одделни земји членки негативно влијае врз поддршката во земјите кандидати за прием во Унијата.
„По 2005-та година, брзината на реформите во Турција се намали поради намалувањето на перспективата за членство. Скептичните лидери во земјите членки на ЕУ понудија привилегирано партнерство на Турција наместо полноправно членство. Неколку поглавја отворени во текот на преговорите беа блокирани од земји членки“, изјави Ајлин Енвер Нои, професор по меѓународни односи на универзитетот Гедик во Истанбул и експерт на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
„Владата на Србија работи на евроинтеграцијата и покрај спротивставувањето на опозицијата, која сака поблиски односи со Русија. Опозицијата е добро организирана и финансирана. Последните анкети покажуваат дека мнозинството граѓани поддржуваат членство во ЕУ, а помала е поддршката за можно партнерство со НАТО“, вели Рената Штебнер, експерт за Балкан во Вашингтон.
Демократските процеси и во земјите членки на ЕУ назадуваат поради економската криза која ги донесе на власт крајните десни или леви партии.
Земјите членки на Европската унија се соочуваат со пораст на екстремизмот, антисемитизмот и неонацизмот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
