„Апотеоза на танцот“ со врвниот пијанист Николај Демиденко
Овој страстен виртуоз на пијаното, како што го нарече критиката, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 во c-moll од Сергеј Рахмањинов...

„Апотеоза на танцот“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва во Домот на АРМ во 20 часот. Под диригентската палка на маестро Јануш Пшибилски од Полска, како солист со оркестарот ќе настапи врвниот руски пијанист Николај Демиденко.
Овој страстен виртуоз на пијаното, како што го нарече критиката, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 во c-moll од Сергеј Рахмањинов. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и грандиозната Седма симфонија во A-dur од Лудвиг ван Бетовен, која Вагнер своевремено ја нарекол „апотеоза на танцот“, од каде е и насловот на концертот.
Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Рахмањинов, изобилува со мелодии кои оставаат без здив, со богатство од музички идеи. Уште од самата премиера, па се до денес, ќе остане најпопуларната творба од опусот на рускиот композитор. Седмата симфонија, пак, на германскиот музички великан Лудвиг ван Бетовен, познавачите ќе ја опишат како дионизиска творба, како студија на чист танц и апотеоза на движења.
