Перо со 8 поени во 56 сезонска победа на Атланта
Македонецот за 15 минути на паркетот во “Филипс арена“ постигна 8 поени, 2 скока и по една асистенција и украдена топка за зацврстување на првата позиција во Источната конференција со 56 победи и 18 порази...

Нова забележителна партија на Перо Антиќ вопобедата на Атланта над Милвоки со 101 : 88. Македонецот за 15 минути на паркетот во “Филипс арена“ постигна 8 поени, 2 скока и по една асистенција и украдена топка за зацврстување на првата позиција во Источната конференција со 56 победи и 18 порази. Милвоки останува шестопласиран со ефект од 36 – 38.
Фантастична вечер имаше ДеРозан со 42 поена и 11 асистенции во победата на Торонто над Хјустон со 99 :96. Гостите играа без центарот Хауард, а најдобар поединец беше Харден со 31 поен. Канаѓаните се четврти на истокот со скор 44 – 30 или за победа помалку од Чикаго, а “ракетите“ паднаа на третото место на западот со ефект 50 - 24. Нивниот кикс го искористи Мемфис кој со победата 97 : 83 се врати на втората позиција со 51 сезонска победа. Бостон е одново во “плеј оф“ зоната по успехот на гости кај директниот ривал Шарлот со 116 : 104, Портланд е четврти на Западот по убедливиот настап со Феникс 109 : 86. Во мечевите на екипите кои имаат разочарувачка сезона Јута славеше во Минесота 104 : 84, а ЛА Лејкерс во продолжението беа подобри од Филаделфија со 113 : 111.
