Охрид ќе добие најсовремено улично осветлување
Охрид ќе добие можеби најсовремено улично осветлување во државата. Проектот преку јавно приватно партнерство ќе го рализира чешка компанија која ќе инвестира над три милиони евра...

Чешката фирма „ИСЦ-Систем“ од Карлови Вари во наредните 15 години ќе се грижи за уличното осветлување во Охрид. Со проектот кој се реализира преку јавно приватно партнерство оваа компанија презела обврска да инвестира три милиони и 570 илјади евра за модернизирање и проширување на системот за јавно осветлување.
„Замена на постоечките светилки, вкупно 7.627 со лед енергетски ефикасни светилки кои во моментот се функционални и дополнителна изведба на 620 комплет нови. Значи надградување на системот за улично осветлување со 620 нови сијалични места“, изјави Димитар Спасески- секретар на општина Охрид.
Во стариот дел на градот и долж кејот според проектот ќе бидат поставени 460 светлечки фенери, автентични и препознатливи за Охрид, како и 152 рефлектори кои ќе служат за илуминација на најзначајните објекти во градот.
„Покрај сите овие инвестиции кои што општина Охрид и граѓаните ќе ги добијат за улично осветлување и негова модернизација, општина Охрид како слободни пари од партнерот ќе добива по 222.000 евра“, додава Спасески.
Во проектот е вклучена и изградбата на мониторинг станица од каде што ќе се контролира и одржува уличното осветлување.
Сашо Нелоски
