Истанбул: Левичарите заробиле јавен обвинител
Припадниците на забранетата радикална левичарска група упаднале во судот и го заробиле јавниот обвинител Мехмед Селим Кираз додека го решавал случајот на петнаесетгодишниот Беркин Елван...

Турската марксистичка Револуционерна народноослободителна партија- Фронт (ДХКП/Ц) го зела како заложник јавниот обвинител во Истанбул. Припадниците на забранетата радикална левичарска група упаднале во судот и го заробиле јавниот обвинител Мехмед Селим Кираз додека го решавал случајот на петнаесетгодишниот Беркин Елван.
Елвин починал по нападот на полицијата со солзавец во 2013 година, пренесува „Раша тудеј“. Турските медиуми пишуваат дека групата денеска му дала рок на обвинителот до 15 ч. и 36 минути по локално време да го соопшти идентитетот на полицајците за кои тврдат дека стои зад убиството на Елван и дека во спротивно ќе го убијат. Се бара и јавно признание од одговорните полицајци.
Агенцијата Бета јавува дека специјалните полициски единици влегле во зградата на судот и ги евакуирале вработените и се обидуваат да го ослободат обвинителот.
Повикувајќи се на турската агенција Доган, Франс прес известува дека од судот се слушнале и пукотници. Засега не се знае како го внесле оружјето напаѓачите во судот. Тие објавија и фотографија на Твитер.
