1,5 милиони евра изнесуваат штетите од поплавите во струмичко

31.03.2015 16:13

Штетите што ги предизвикаа поплавите во струмичкиот регион се проценети на над милион и пол евра. Најавата за 100 процентно обештетување, кај земјоделските производители создава надеж дека тргедијата ќе се ублажи...

Збунети, погодени и економски загрозени. Вака жителите на поплавените села во струмичко зборуваат за нивното секојдневие. И последните обилни дождови од викендов ги наполнија нивните дворови со вода, а проблем прават и септичките јами. Велат земјата нема веќе капацитет да ја прима водата, а полето е поплавено.

Не можам да опишам, збунети, не знаат што да направат, зашто тешко можат да опстанат оваа година. Тешко, многу тешко. Ете време беше за зелка садење, нема никој ни корен за дома, не па за продавање да сечат, вели Васе Стојков, жител на Сачево.

Се плашат дека годинава ќе немаат земјоделско производство. Пробелемот е најголем за оние чија главна егзистенција им е аграрот. Обештетувањето треба да им помогне да ја надминат кризата.

Претходно беше од 10- 30 проценти обештетувањето. Сега ако е 100 проценти обештетувањето, ќе бидат барем малку освежени луѓето, како една инјекција. Зашто 100 посто се оштетени земјоделските култури, нема шанса да се влезе во нива и да се бере, вели Стојков.

Штетите по поплавите од 24-ти и 30-ти во струмичко предизвикаа штети од над милион и пол евра. Во Сачево од околу 190 илјади евра.

Обработлива површина полеана од последните поплави наликува на езеро. Наместо тука да бидат засадени земјоделските производи, сега е одлично живеалиште за жабите. 

Жителите се надеваат дека ваквата трагедија дека нема да им се повтори, а парите од обештетувањето ќе им помогнат да ја надминат оваа економска криза.

 

Катерина Давчева