Грозданов: Да се запази рокот за закуп или откуп на општествените станови
Граѓаните што ќе го испуштат рокот и нема да склучат договор за откуп или закуп на становите согласно законот можат да бидат иселени, вели Грозданов. Апелира најдоцна до вечерва да бидат доставени барањата...

Истекува рокот за закуп или откуп на општествените станови. Над 1.000 барања поднеле граѓаните кои живеат во станови – сопственост на државата. Имаат можност за откуп или да плаќаат кирија за просторот во кој досега бесправно живееле. Најголем дел од нив, сепак, ја подмириле оваа обврска, тврдат надлежните.
„851 стан, од кои 776 станови се со истечен договор. За овие корисници поднесени се 642 барања за закуп и 49 барања за откуп“, изјави директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.
Граѓаните што ќе го испуштат рокот и нема да склучат договор за откуп или закуп на становите согласно законот можат да бидат иселени, вели Грозданов. Апелира најдоцна до вечерва да бидат доставени барањата.
„Станарите да поднесат барање, не мора да ја имаат целокупната документација, но да го запазат рокот и да поднесат барање. Дали тоа ќе биде за закуп или за откуп на станот, воопшто не е важно, битно е да се запази рокот со што ќе поднесат барање до Министерството за транспорт и врски. Доколку во текот на денешниот ден не поднесат, ние ќе бидеме приморани да го спроведеме законот“, вели Грозданов.
Според податоците на Министерството за транспорт во Македонија има над 2.500 станови, коишто се користат бесправно, односно се дивовселени, дадени под закуп до 2006-та година или се општествени станови.
Согласно Законот за домување граѓаните треба да достават само барање, а целата останата документација ќе им биде средена по службена должност. Висината на закупнината се определува во зависност од примањата на семејството што го користи станот, а за социјално ранливите категории, корисници на социјална помош ќе нема закупнина.
Викторија Тодоровска
