Јакне соработката меѓу странските инвеститори и домашните компании
Се поголем број компании од зоните набавуваат репроматеријали „made in Macedonia“, ангажираат локални фирми да изработат одредени компоненти, ги користат како сервисери на опремата...

Странските инвестиции го раздвижија домашниот бизнис. Зајакнува соработката меѓу компаниите. Се користат потенцијалите на македонската индустрија. Се поголем број компании од зоните набавуваат репроматеријали „made in Macedonia“, ангажираат локални фирми да изработат одредени компоненти, ги користат како сервисери на опремата.
Наши правни субјекти вршат транспорт и логистика, ги градат фабриките.
„Ефектот се гледа и преку отворањето на индиректни работни места, пред се во домашните компании кои соработуваат со странските инвеститори, како компанијата Актива која соработува со белгискиот Ван Хул, а се разбира и преку ефектот на конкурентност“, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Домашните фирми имаат се повеќе работа, ќаруваат и од трансфер на знаења и технологии. Странците ги намалуваат трошоците за набавка и времето за достава.
„Само фирмата која ја изгради оваа фабрика, беше и фирмата која ни понуди и многу други видови на техничка соработка“, изјави сопственикот на Ван Хул, Филип „Ван Хул“.
„Суровините ќе ги увезуваме од странство, но ние веќе сме во фаза на истражување на пазарот за набавка на суровини и секундардни материјали од Македонија“, изјави Диего Моса, сопственик на „Дијатек“.
Извозот од зоните расте, бројот на работници во индустријата се зголемува. И во Источниот дел на Македонија новите инвестиции треба да генерираат три илјади нови работни позиции.
„200 нови дополнителни вработувања за Штип и во овој регион во Џонсон Контролс постепено до крајот на оваа година. Германската Техникал Текстајлс ќе започне со работа и со вработување на предвидените 600 луѓе“, најави премиерот Никола Груевски.
Повеќе од 500-тина компании што креираат бизнис зделки со странските инвестори во земјава стануваат конкурентни, генерираат повисок економски раст, нови работни места.
Сузана Фиданска- Стоевска
