По бледите изданија со Белорусија и со Австралија

Македонската репрезентација на крстопат

31.03.2015 18:25

Две победи, три ремија и шест порази е билансот на нашиот тим под водство на Ѓуровски. Селекторот е уверен во својата фудбалска филозофија и во генералната стратегија којашто сака да ја наметне...

Ремито без голови во пријателскиот меч со Aвстралија е мал и само резултатски напредок во однос на петочниот болен евроквалификациски пораз од Белорусија. Точно на половина од циклусот и националниот тим и фудбалската федерација се на крстопат. Деновиве се токми одлуката – да се продолжи како и досега или до јунската средба во Словачка, Македонија ќе има и нов селектор.

„Јас само си ја работам мојата работа. Не чувствувам притисок, не е ова ниту Сирија, ниту Украина, па да чувствувам притисок. Фудбалот е само игра и јас работам максимално, а другите нека оценуваат. Концентриран сум на работата со фудбалерите и продолжувам во остварување на целта“, изјави селекторот Бошко Ѓуровски по нерешениот резултат со Белорусија.

Две победи, три ремија и шест порази е билансот на нашиот тим под водство на Ѓуровски. Селекторот е уверен во својата фудбалска филозофија и во генералната стратегија којашто сака да ја наметне, но проблем му е што се помал е бројот на негови истомисленици и поддржувачи. Синоќа, индикативно дури прозвуче и лидерот на оваа репрезентативна генерација Агим Ибраими.

„Мора еднаш да сфатиме дека секој мора и да си ја понесе одговорноста за своите постапки. Не ни се потребни многу експерименти и треба да игра една селекција во континуитет. Не треба многу да лутаме, ни на технички, ни на тактички план, туку да бидеме истрајни“, испрати порака Ибраими.

Фудбалерите се свесни дека не играат добро, дека селекцијата е во криза, но за да се извлече од неа бара поддршка од публиката.

„Ми лежи на срце и морам да го кажам. Потребна ни е поддршка од навивачите. И тоа поддршка во континуитет на секој натпревар. Затоа што ние не сме Шпанија или Германија, па да очекуваат да победуваме на секоја средба. Без поддршка, фановите само дополнително придонесуваат добрите играчи да се откажуваат од националниот тим, како Пандев. Тој однос мора да се промени, затоа што навистина ни е потребна и поддршка од трибините за да дојдат и резултатите“, апелираше Ибраими.