Повеќе манифестации за одбележување на Светскиот ден на шегата

01.04.2015 09:23

Дневниот дел од традиционалната манифестација по повод Светскиот ден на шегата ќе се организира под мотото „Скопје се смее" и е наменет за децата од градинки и од училишта. На учесниците ќе им се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски...

Град Скопје и Детскиот културен центар „Карпош" денеска пред „Порта Македонија“ од 11 часот ќе организираат целодневна манифестација  „Априлијада  2015“.

Дневниот дел од традиционалната манифестација по повод Светскиот ден на шегата ќе се организира под мотото „Скопје се смее" и е наменет за децата од  градинки и од училишта. На учесниците ќе им се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Придружен дел на маските, како и изминатите години, ќе бидат игрите и песничките со фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“ и хитовите од „Златно славејче“, соопшти Град Скопје.

Ноќната забава ќе почне во 21 часот кај „Порта Македонија“. Како што најави Град Скопје, ќе учествуваат изведувачите Коста Костовски, Кристина Арнаудова, Јоце Панов, Александар Тарабунов, Бетиме Зејали, Биљана Дабеска, диџеј Бабура и групата „The Noise makers".