Јубилеј: Седум децении Македонски народен театар
МНТ два и пол месеца ќе го одбележува седумдесет годишниот роденден, а на самиот ден, 3-ти април, ќе има свеченост со перформанси и изложба на оригинални уметнички дела, сценографски и костимографски скици, фотографии, артефакти и оригинални костими...

Генерациии македонски театарски дејци своите најблескави уметнички страници ги испишале на сцената на Македонскиот народен театар. МНТ два и пол месеца ќе го одбележува седумдесет годишниот роденден, а на самиот ден, 3-ти април, ќе има свеченост со перформанси и изложба на оригинални уметнички дела, сценографски и костимографски скици, фотографии, артефакти и оригинални костими. Вечерта ќе биде изведена претставата „Вечната куќа“ со која и се отвори новиот објект на МНТ.
„Некако паралела правиме помеѓу она што се случувало во ’45-та година и со отворањето на новиот објект, со Вечната куќа. По 70 години ќе се случи и изговарањето на првата реплика во новиот објект“, изјави директорот на МНТ, Дејан Лилиќ.
По роденденот в петок, МНТ ќе им ја отстапи сцената на ансамблите од другите театри од земјава. Празник на театарот со претстави на Велешкиот, Прилепскиот, Битолскиот, Народниот театар- Штип, Турскиот, Албанскиот, Драмскиот и Театарот Комедија. Цените на билетите за сите претстави се со симболична цена од 100 денари.
„Ова е само почеток на гостувањата во најразлични форми кои ќе ги правиме надвор од нашата зграда, се со цел да играме за сите категории на граѓани, односно она што е нашето име, Македонски народен театар“, изјави уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски.
Одбележувањето на јубилејот ќе има и хуман карактер. Актери на МНТ, утре и задутре ќе посетат установи за деца без родители, лица со посебни потреби и старечки домови. За децата ќе го изведат перформансот „Принцезата сиси“, а француска поезија за слепите и старите лица.
Александра Перевска
