Европската бронза на Зубаиров попатна станица за Олимписки трофеј
Последен пат на подиумот се искачи Мурат Рамазанов исто така во борење слободен стил на ЕП ’07 година. Поранешниот кадетски континентален првак и екс шампион на Русија до трофејот на ЕП во Полска во категорија до 86кг дојде со 3 победи и само еден пораз во 4 настапи...

Бронзениот медал на Халил Зубаиров на ЕП за борачи до 23 години е прв трофеј за еден македонски репрезент во олимписки спорт по пауза од 8 години. Последен пат на подиумот се искачи Мурат Рамазанов исто така во борење слободен стил на ЕП ’07 година. Поранешниот кадетски континентален првак и екс шампион на Русија до трофејот на ЕП во Полска во категорија до 86кг дојде со 3 победи и само еден пораз во 4 настапи.
„Беше навистина тешко. Долго се подготвував за ова ЕП и да бидам искрен очекував злато, но повредата во 1 /2финалето ме спречи во тоа. Мило ми е што сепак се изборив за бронза. Продолжуваме понатаму, па со Божја помош се надевам на медал и од Олимписките игри во Рио“.
Директорот на АМС Марјан Спасески истакна дека борењетo има голема поддршка која останува и во следните големи натпреварувања.
„Борењето е дефинитивно најтрофејниот олимписки спорт во нашата земја и последните резултати на нашите борачи ми даваат за право да констатирам дека ќе се врати во полн сјај и ќе го зацврсти приматот на спорт, по кој Република Македонија е препознатлива во светот. Со остварените резултати, односно со освоениот бронзен медал на Халил Зубаиров, полека, но сигурно, го враќа борењето на голема врата во Република Македонија, изјави Спасески. АМС за активностите на Боречката федерација на Македонија за годинава обезбеди 900.000 денари, со што треба да се покријат и меѓународните активности на репрезентацијата, односно дел од трошоците за Европското првенство, Светското првенство во борење, кое во септември ќе се одржи во Лас Вегас, САД и Европските игри во Баку“ – заврши Спасески.
