Одбележан денот на првата механизирана пешадиска бригада

01.04.2015 16:30

Широк е спектарот на извршените задачи на првата механизираната пешадиска бригада, ударната тупаница на македонската армија. Ирак, Авганистан, меѓународни мисии, справување и помош на поплавените во регионот. Со указ на врховниот командант и шеф на државата, Ѓорѓе Иванов секоја армиска единица има свој ден, Бригадата го празнува 2-ри април...

Нема ништо посветло и похрабро од чинот на одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на државата. Кај 3.000-те припадници на бригагадата, најголемата декларирана македонска единица за НАТО операции, нема дилема. Мисиите остварени во странство со околу 1.700 војници и офицери, но и дома со измарширани 2.000 километри, и над милион извозени километри во обука се непобитен доказ.

„Таа е столб на Армијата и расадник на сегашните и идни припадници од редовите на копнената војска, пешадија, артилерија, тенковски единици. Нашата мисија е одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет...“, рече бригадниот генерал Павле Арсовски, командант на 1-ва мпбр.

Успесите на механизираната пешадија водат кон целта, членство во НАТО. Довербата кај граѓаните мора да се јакне, оцени началникот на генералштабот.

„Најсвета обврска е да ја чуваме, браниме и градиме нашата држава, Република Македонија, а не да чекориме во спротивна насока“, нагласи генерал потполковник Горанчо Котески, началник на ГШ на АРМ.

Механизираната пешадија беше прва за време на поплавите во Босна, Србија, но и во земјава, во светиниколско, штипско, пелагониско, битолско. Степенот на пожртвуваноста е означен во мотото на единицата. Сила и чест- е мотото на најбројната и најмоќната единица на АРМ.

 

Зоран Богатинов