„Македонија вработува“: Владата го промовираше проектот за намалување на невработеноста

01.04.2015 16:45

Планирано е 150 илјади луѓе од различни возрасти и категории да дојдат до работно место преку предложениот сет – мерки, што предвидува ослободување од плаќање социјални придонеси и персонален данок за компаниите кои ќе ангажираат невработени лица...

Стартува проектот „Македонија вработува“ што ќе може да го користат 150 илјади невработени. Владата креира пакет законски измени кој треба да ги мотивира работодавачите да вработуваат. Невработените се ставени во 5 групи во зависнот од возраста и социјалната положба. За вработување невработено лице на возраст до 35 години, кое најмалку 3 месеци чека работа, работовавачот ќе биде ослободен 3 години од плаќање придонес и персоналец со обврска да го задржи една година  повеќе.

„Втората група се невработени лица на возраст од 35 до 50 години, кои во последните 15 години биле најмалку 10 години невработени и најмалку 3 месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. Работодавачот што ќе вработи лице од оваа група ќе биде ослободен од плаќање придонес од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето, при што е должен да го задржи лицето уште 1 година по истекот на периодот во кој е ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Во третата и четвртата група се невработените кои се на возраст од над 50 години, односно лицата родители со 3 и повеќе деца, самохраните родители, примателите на социјална помош, децата без родители, жртвите на семејно насилство, професионални војници на кои им завршил договорот и други.

„За трета и четврта група, работодавачот што ќе вработи лице е ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработување, без понатамошна обврска на работодавачот да го задржи“, додаде вицепремиерот Пешевски.

Вработување лице постаро од 58 години ќе им носи на работодавачите ослободување од плаќање задолжително социјално осигурување се до нивното пензионирање. За фирмите кои ќе ги користат поволностите од проектот е предвидено и исполнување на одредени услови.

„Невработеното лице кое сака да го вработи да не било претходно вработено кај истиот работодавач кој ќе користи мерка ослободување од плаќање придонеси, да немаат неисплатени плати, придонеси и даноци во повеќе од два последователни месеца“, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Средствата за реализирање на мерките ќе бидат обезбедени од буџетот, а за возврат  се очекуваат зголемени економски активности во фирмите и повисок прилив од ДДВ.

Од владата уверуваат дека во пакетот мерки се вградени контролни механизми кои спречуваат злоупотреби. Работодавачите не ќе можат да отпуштаат постојни вработени за да вработуваат лица преку проектот и да користат погодности.

Се очекува ефектите од „Македонија вработува“ да бидат 3 до 4 пати подобри од постојната мерка наменета за млади лица, преку која за 1 година биле вработени 7.712 невработени.

 

Свето Николовски