Пет нови случаи на ХИВ/СИДА годинава, набавена нова апаратура за соодветна терапија
Се зголемува бројот на заболени од ХИВ/ СИДА. Во трите месеци од годинава на инфективна се регистрирани пет нови случаи. Здравствените власти велат дека е клучна навремената детекција. Затоа, на оваа клиника е набавена нова апаратура која ќе овозможи соодветна терапија...

Двајца заболени од СИДА, а тројца инфицирани со ХИВ вирусот од почетокот на годината. Сите се мажи на возраст од 20 до 40 години. Заболеле преку истополов сексуален однос. Тројца од заболените се на антивирусна терапија. Статистиката покажува дека неколку години во низа, бројот на инфицирани се зголемува, но надлежните очекуваат годинава да биде во рамките на ланскиот рекорд од 45- мина.
„За жал се уште регистрираме пациенти кои доаѓаат со задоцнета, напредна форма на ХИВ инфекција. Тоа значи дека тие веднаш се поставуваат на терапија и е прашање кој степен е напреднатоста. Ако е степенот многу висок шансата на ефикасност на терапијата се намалува“, изјави проф. д-р Звонко Миленковиќ- директор на Клиниката за инфективни болести.
Од денеска на Клиниката за инфективни болести има нова опрема за генотипизација на ХИВ вирусот. Со неа ќе може да се постави соодветна терапија и да се избегне ситуација, после шест месеци или една година да се утврди дека пациентот бил отпорен на таа терапија.
„Со тоа не само што се подобрува квалитетот на здравствената услуга и состојбата на пациентите, туку и се прави определена заштеда. Се смета дека се прави заштеда од околу 3.000 долари по пациент“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров.
Инвестицијата чини над 11 милиони денари.
Андријана Атанасовска
