Самовработување: Активните мерки даваат резултати
Активните мерки за вработување даваат резултат - покажуваат искуствата од терен. Ослободувањето од плаќање придонеси и персонален данок се мотив плус за компаниите да отворат нови работни места. На тој начин имаат пониски трошоци, а се намалува и невработеноста...

Александра Петревска долги години била на листата на невработени стоматолози. Со помош на добра бизнис идеја го реализираше големиот сон. Со 3 илјади евра државни пари отворила орданиција, но неопходно било да вработи и стоматолошка сестра. Како работодавец сега ги користи и бенефитите за дополнително вработување на уште едно лице.
Петревска работи според зацртаниот бизнис план. Голема помош за развивање на претприемачките вештини добила и од Агенцијата за вработување. Вели дека е важно пасивните баратели на работа да преминат во активни, така ќе имаат повеќе можности да дојдат до посакуваното работно место.
Во изминатите осум години, повеќе од 6.700 лица успеале да отворат сопствен бизнис и да се самовработат. Мерката за самовработување дава одлични резултати – над 70 отсто од оние кои отвориле сопствен бизнис успешно работат.
Сунчица Николоска
