Расте тензијата во Турција

01.04.2015 17:22

Трет инцидент изминативе два дена во Турција. Вчера речиси цела земја остана без електрична енергија, а потоа вооружени левичарски активисти упаднаа во зградата на истанбулската судница. По осумчасовна заложничка драма животот го загуби киднапираниот обвинител Мехмет Селим Кираз...

Продолжуваат нередите во Турција. Двајца вооружени мажи упаднаа во седиштето на Партијата на развојот и правдата во Истанбул на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. На вработените им било наредено да го напуштат објектот, а мотивот за упадот се уште е непознат. Напаѓачите се уапсени. За сега нема информации за повредени. Ова е трет инцидент изминативе два дена во Турција. Вчера речиси цела земја остана без електрична енергија, а потоа вооружени левичарски активисти упаднаа во зградата на истанбулската судница. По осумчасовна заложничка драма  животот го загуби киднапираниот обвинител Мехмет Селим Кираз, како и двајцата киднапери. Премиерот Даватоглу најави радикална борба против тероризмот.

„Ситуацијата која се случи вчера ја става во прашање безбедносната состојба. Имавме состанок на кој констатиравме дека детално ќе ги истражиме причините за инцидентот, како и чекорите кои треба да ги преземеме за ова да не се повтори“, изјави Ахмет Даватоглу, премиер на Турција.

Со реакција се огласи и турскиот претседател Ердоган.

„И честитам на полицијата за акцијата, но по ова треба да ги зголемиме безбедносните мерки во судовите, кој смее да има пристап“, рече претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Полицијата уапси 22-ца студенти,  членови на радикалното движење револуционерна народно ослободителна партија.  Полицијата со водни топови и солзавец се обидуваше да ги растера демонстрантите во Истанбул кои се собраа незадоволни од заложничката криза во просториите на судот. Турскиот парламент со огромно мнозинство минатата недела го одобри законот за проширување на овластувањата на полицијата која може да употреби огнено оружје против демонстрантите. Парламентот исто така изгласа закон со кој Владата може да го ограничи пристапот до веб страниците кои претставуваат закана за јавниот ред. Анкара и покрај критиките од активностите за човекови права, смета дека овие закони се во согласност со европските.

 

Маријана Димовска