Во Охрид промоција на „Избрани дела“ од Бранко Цветкоски

01.04.2015 18:05

Во Охрид се одржа промоција на „Избрани дела“ од современиот македонски поет, литературен критичар и есеист, Бранко Цветкоски. Во ова издание се прави пресек на неговото четириесетгодишно плодно книжевно творештво, од кое осумнаесет книги се преведени на исто толку светски јазици...

Во животот на еден автор, особено во творечкиот период кај писателите има преломни творечки мигови кога правите рамносметка со она се што сте го направиле во животот. Ова при промоцијата на шестте тома на неговото издание го рече авторот, Бранко Цветкоски, посочувајќи во него е направен пресек на неговото четиридецениско творештво, валоризација на неговото книжевно дело од македонската литературна критика.

„Ми дава за право да верувам дека 40 години творев на мојот јазик на најдобар можен начин, дека го афирмирав во земјата и надвор од неа, на многу мередијани и дека на тој начин моето поетски творештво е сепак едно камче во мозаикот на нашиот траен национален идентитет“, рече авторот Бранко Цветкоски.

Бранко Цветкоски и неговото поетско творештво според своите уметнички и естетски вредности е во самиот врв на македонската книжевност, сметаат критичарите.

„Сигурно е еден од најзначајните творци кој во македонската поезија внесе еден свој, автентичен поглед, особено во рамките на неговата генерација која во средиштето го имаше јазикот“, нагласи Мите Стефоскилитературен критичар.

Дека поетските дострели на Цветкоски се признати пошироко во светски рамки говори и податокот дека 18 негови книги се преведени на исто толку јазици.

Сашо Нелоски