Меѓународен ден на аутизмот

02.04.2015 08:50

Здружението „Во мојот свет“ започнува кампања под мотото „Еден свет за сите“ со настан во ТЦ Капитол мол. Целта е да се подигне јавната свест во Македонија за лицата со аутистичен спектар на нарушувања...

Македонија денеска со низа настани ќе го одбележи 2 април - Светскиот ден за борба против аутизмот. Здружението „Во мојот свет“ започнува кампања под мотото „Еден свет за сите“ со настан во ТЦ Капитол мол. Целта е да се подигне јавната свест во Македонија за лицата со аутистичен спектар на нарушувања.
 
По повод Меѓународниот ден, вработените на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје ќе му предадат донација на Дневниот центар во скопската населба Железара.
 
Одделението за заштита на правата на децата и на лицата со посебни потреби при Народниот правобранител пак ќе организира тркалезна маса на тема „Состојбата на децата со аутизам и нивниот третман во здравствениот, образовниот и социјалниот систем во Република Макединија“.
 
На трибината за инклузивноста на децата со аутизам во редовното образование ќе зборува заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, додека за аутизмот во Македонија и состојбите и предизвиците ќе говори проф.д-р Владимир Трајковски, претседател на Македонското здружение за аутизам.
 
На тркалезната маса најавено е присуство на претставници од министерствата за образование и за здравство, Заводот за ментално здравје, невладини ораганизации, како психолози и дефектолози. 
 
Аутизмот е биолошко развојно нарушување на мозокот. Главни карактеристики на аутизмот се слаба или никаква социјална интеракција и комуникација, ограничени активности и повторувачки шеми во однесувањето. По тие каrактеристики аутизмот се разликува од останатите нарушувања од групата нарушувања од аутистичниот спектар. Причините за аутистичното нарушување се уште не се во целост познати.