Напредок има, но сеуште нема договор за иранската нуклеарна програма

02.04.2015 08:58

Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на Обединетите нации не постигнаа политички договор околу иранската нуклеарна програма иако според потпишаната Времена спогодба минатиот ноември тоа требаше да се случи до крајот на март. Иран сака да се укинат санкциите, но и да не се откаже од нуклеарната програма. Ова може да предизвика реакција од американскиот Конгрес кој најверојатно ќе изгласа дополнителни санкции против иранските власти...

Укинување на санкциите против Иран веднаш по постигнувањето на договорот и да не се предаде нуклеарниот материјал на Русија, ова се ставовите на кои остана официјален Техеран по последните преговори во Швајцарија со шефовите на дипломатиите на Британија, Франција, Русија, Кина и САД. Двете страни само постигнале договор околу пристапот на инспекторите на Меѓународната атомска агенција во иранските нуклеарните објекти.

„Иран ќе продолжи да се држи до условите на договорот што му се прифатливи. Тоа значи задржување на што е можно повеќе нуклеарни структури, укинување на санкциите што е можно побрзо и рехабилитација во меѓународната заедница. Тоа е неговата вистинска цел“, вели Сузан Малони, експерт за Блискиот Исток во Институтот „Брукингс“.

Администрацијата во Белата куќа ги оценува преговорите како напредок иако рокот за постигнување на конечен договор истекува до крајот на јуни. По враќањето на конгресмените на работа по велигденските празници, се очекува да се усвојат построги санкции против Иран  и договорот да мора да биде одобрен од Конгресот, со што повторно ќе се влошат односите со американскиот претседател Барак Обама.

„Кога Конгресот ќе се  врати на заседавање на 13-ти април, верувам дека сенаторот Боб Коркер којшто е подносител на законот како претседавач на Комитетот за надворешни односи, ќе го стави на гласање. Според овој закон се предвидува повторно воспоставување на ингеренциите на Конгресот за одобрување или одбивање на договори во рок од 60 дена без разлика дали имало постигнат договор или не“, изјави Вилијам Галстон, експерт за владини студии во Институтот „Брукингс“.

Американците не одобруваат воена интервенција против Иран и сметаат дека Исламската држава е поголема закана за безбедноста на Америка. Според последните анкети, мнозинството Американци сакаат да дојде до договор со Иран околу нуклеарната програма, но немаат доверба во иранските власти.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ