Адеми и Ристовски на средба со претставници на „Полио плус“

02.04.2015 11:06

Двете страни изразиле подготвеност за интензивирање на соработката во следниот период, особено при изготвувањето на новата Национална стратегија за развој на образованието...

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и неговиот заменик, Спиро Ристовски остварија средба со претставниците на граѓанската организација „Полио плус“, во чијшто фокус беше разгледување на можностите за унапредување на системскиот пристап во надминувањето на предизвиците на лицата со хендикеп, за време на нивниот образовен процес, соопштуваат од Министерството за образование и наука.

На средбата биле разгледани низа позитивни практики и искуства на други земји, во делот на инклузија на лицата со хендикеп во сите нивоа на образовниот систем, кои обострано беа посочени како добра основа за понатамошна надградба на законската легислатива и процесот на образовна инклузија во Република Македонија.

Двете страни изразиле подготвеност за интензивирање на соработката во следниот период, особено при изготвувањето на новата Национална стратегија за развој на образованието, кое ќе започне во следниот период, по согледувањето на ефектите од имплементацијата на досегашната стратегија за периодот 2005 – 2015 година.