Чист воздух, сонце и снег на Попова Шапка
Сонцето и чистото сино небо направија и овој викенд Попова Шапка да блесне со својата убавина

Полно е со домашни и странски туристи – привлечени од чистиот воздух со кој барем малку забораваат на магливите и загадени градови.
Снег има доволно за рекреативно скијање, сноубординг, санкање... Но некои посетители велат дека прошетка по падините е она што ги исполнува.
„Имаме мали деца на кои сакаме да им внесеме елан за скијање“.
„Прекрасно е. Еве гледате, соце и чист воздух. Долу има многу магла, па избегавме на неколку дена“.
„Вистинско уживање на ова прекрасно место“, велат туристите со кои разговаравме.
По забавата на снегот, одмор и оддишка. Угостителите велат дека сместувачките капацитети се постојано исполнети.
„Како што гледате времето е убаво, амбиентот е прекрасен, има доста посетители“, изјави Војче Стојкоски – угостител.
Последниве неколку години на Шапка се обновуваат ски-лифтовите и дел од хотелите, проработе и познатата патека Цери пашина. Но потребно е засилено да се инвестира за овој туристички центар да стане поатрактивен за посетителите.
„Ќе се реновира хотел „Славија“, мислам дека оваа година ќе се постави лифт шестосед, паркинг плац ќе се прави и мислам дека тогаш навистина европски ќе заживее Попова Шапка“, вели Перо Димитриевски – директор на ДУТ „Попова Шапка“.
Попова Шапка има најмногу сончеви денови во текот на годината. Сеуште не се прави вештачки снег, но природниот подолго се задржува, а наскоро се најавуваат нови врнежи.
„После поминатиот ден на Попова Шапка со чист воздух и сонце кои се реткост во овој период, штета што мораме да се вратиме во градот кој заедно со целиот Полог се потопени во море од магла“.
Новинар: Зоран Јованоски
Снимател: Даниел Евросимоски
