Иванов- Нишани: Европската иднина нѐ обединува
Македонија и Албанија имаат заедничка иднина. Со поинтензивна економска соработка, негување на добрососедските односи и заемна доверба ќе се обезбеди европска иднина и подобар стандард за своите граѓани, порачаа по денешната средба во Тирана претседателите на Македонија и на Албанија, Ѓорге Иванов и Бујар Нишани...

Македонија и Албанија имаат одлични политички односи, но тоа не е тренд на полето на економијата. Заложбите на двајцата претседатели ќе бидат за поголема трговска размена, инфраструктурни поврзувања и за предусловите за блгосостојба на граѓаните чии земји се стремат кон европското семејство. Претседателот Иванов излезе со уверување од својот колега Бујар Нишани дека Албанија ја поддржува Македонија кон НАТО и ЕУ. Иванов потсети дека иако нашиот јужен сосед нелегитимно, како што рече, не блокира во евроинтеграциите, Македонија нема да го напушти овој приоритет.
„Не го правиме тоа за да угодуваме на администрацијата во Брисел, туку нашите граѓани да ги уживаат сите европски стандарди и принципи во нивниот секојдневен живот“, нагласи претседателот Иванов.
Помалите заедници во двете земји треба да се разбираат како мост на поврзување за чии права ги гарантираат властите. Во оваа насока, одговарајќи на прашања на вашиот известувач, за се почестите барања на македонската заедница во Албанија за признавање и изучување на македонскиот јазик, не само во Пустец, туку и во Голо Брдо и Гора, Нишани одговори дека Албанија ги гарантира човековите права на сите граѓани.
„Сакам да ви гарантирам дека овие меѓународни конвенции ги одредуваат стандардите, кои се следат од меѓународни организации, почнувајќи од ЕУ, Европскиот совет и сите организации за човекови права. Сакам да ви гарантирам дека албанските власти секогаш остануваат подготвени и заинтерсирани за да ги понудат сите права коишто им припаѓаат на сите малцинства вклучувајќи го и македонското во согласност со меѓународните стандарди коишто се прифатени со овие конвенции“, рече претседателот Нишани.
Во фокусот на интересот на албанските медиуми беше случајот на прислушкувањето во Македонија, на што шефот на државата одговори дека нема да коментира внатрешни прашања надвор од државата. Иванов и Нишани потсетија дека е време да се заборават предрасудите од минатото зашто иднината ги обединува двете соседни земји.
Фиљана Кока, специјален известувач од Тирана за МРТ
