На локалитетот Скупи откриена статуа од втори век
Редок артефакт од втор век од нашата ера откриен во скопскиот локалитет Скупи. Според археолозите се работи за статуата во облик на обезглавена женска фигура, со која е покриен гроб за кој се претпоставува дека е од доцната антика...

Обезглавена женска статуа за која се претпоставува дека е од вториот век од нашата ера е откриена во Античкиот театар на археолошкиот локалитеот Скупи. Под неа има гробница од доцната антика од 4-ти или 5-ти век. Според експертите, статуата е најверојатно донесена од друг локалитет и постар објект и била употребена како покривен елемент на саркофагот, вкопан во оркестрата на Скупи.
„Не сум видел вакво нешто. Сум видел плочи од рано римски период, секундарно вградени како сполии, но тука имаме дел од колона, од фасадата на сценската зграда, масивна колона, потоа имаме дел од фигура, статуа на жена, обезглавена, од втори век од наша ера, претпоставувам дека ќе се откријат сите делови и ќе ја реконструираме“, вели Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културно наследство.
Откриени се и други гробови и артефакти, што укажуваат на постоење на некропола.
„Покрај скулптурата се откриени и уште неколку гробови и денеска можевме да видиме неколку значајни наоди од тие горобови. Одредени претпоставки велат дека се очекува да се открие и некропола, од 4-ти и 5-ти век од нашата ера“, рече министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска, при денешната посета на локалитетот Скупи.
Античкиот Театар на локалитетот Скупи е во третата фаза од истражувањето. Треба да заврши до 2017 со реконструкција на гледалиштето со 10 илјади седишта. Кон крајот на април ќе се објави тендер за избор на фирма за конзервација на сценската зграда. По целосно завршување на проектот во 2017 за јавноста ќе се отвори најголемиот театар под ведро небо кај нас.
Соња Стојановска
