Новите мерки - шанса за многу невработени
Наместо социјална помош ,сигурна работа и плата. Новите мерки за вработување се шанса за многу невработени- велат од ССМ. Од Конфедерацијата на работодавачи велат- новите мерки се бенефит и за компаниите да отворат нови работни места...

Наместо социјална помош, сигурна работа и плата. Новите мерки се шанса за многу невработени- велат од Сојузот на синдикатите. Првиот синдикалец вели дека со оваа мерка е надминат деценискиот проблем на невработеноста, заштитени се и повозрасните кои последната деценија седеле дома.
„Ние долг период водевме мака на кој начин и под кои услови тие работници да се вработат, уште повеќе што голем број од стечајните работници имаа проблеми со начинот на нивното вработување. Со ваквата мерка и бенефитите што ги даваат и самите работодавачи, навистина се создава една реална атомосфера“, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Мерките за вработување се бенефит и за компаниите да отворат нови работни места, сметаат од Конфедерацијата на работодавачи. Голем број фирми кои сакаат да го прошират процесот на производство не секогаш имаат можност да ангажираат нови работници.
„Од друга страна оние кои навистина се на пазарот на трудот, кои стекнале искуства можат да бидат вработени, а компаниите да селектираат добра работна сила“, изјави Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.
Мерките за вработување предвидуваат работодавачите кои ќе вработат млади до 35 години да бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години. За работодавачите, пак кои ќе вработат луѓе од 35 до 50 години, ослободувањето да важи пет години.
Со новите мерки се предвидува да се вработат околу 20 илјади лица. Се очекува да стапат на сила овој месец.
Дијана Ценевска
