Безбедност: Објавените аудио- снимки на СДСМ ја минаа границата
„Огромна штета на односите меѓу Македонија и Израел, но, и на Израел како држава“ - ваква е оценката на експерти по објавувањето на вчерашните телефонски разговори за кои СДСМ вели дека покажуваат корупција при набавка на опрема за тајната полиција. Според нив, опозициската партија не е свесна што предизвкува во надворешната политика за добивање поени на внатрешен план...

„По вчерашната таканаречена бомба не станува збор веќе за човечки судбини, меѓуетнички односи, партиски расправии туку за нешто многу посуштествено со кое опозицијата сака да и нанесе штета на државата“ - ова е ставот на универзитетскиот професор Ненад Таневски за објавениот телефонски разговор, за кој СДСМ тврди дека покажува наводна провизија при набавка на опрема од Израел. Според него, освен штета на македонско- израелските односи, тоа е направено и врз Израел како држава.
„Се вмешуваат имиња на израелски државјани кои можеби се и официјални претставници на Израел за соработката со Македонија. Значи веќе имате обелоденување на информации кои навистина би требало да се државна тајна. Кога на разузнавач му давате име оттука се е полесно. Сега доколку постои надворешен интерес да се ослабе соработката на Македонија со Израел, само од името што јавно се обелоденува непријателите на Македонија добиле многу, да не зборуваме колку многу, име е понудено на тацна од целиот разговор, ако воопшто содржината е целосно точна“, изјави Ненад Таневски – универзитетски професор.
Таневски вели дека односите меѓу Македонија и Израел се враќаат неколку чекори наназад, а една од целите е да се уништи функционалноста на институциите и да се ослабне безбедносниот систем.
„Ние покрај тоа што имаме соработка во помош од опрема и едукација на кадар од Израел, имаме и соработка во размена на информации битни за националната безбедност на нашата држава, посебно по прашањето на шизмата меѓу Суните и Шиите и како и по прашањето на радикалниот исламизам, но и по многу други прашања за кои МОСАД може да ни помогне“, додава професорот Таневски.
Обвинувањата на Заев за наводен криминал ги демантираше директорот на УБК, Сашо Мијалков.
„За клеветите и конструкциите изречени против мене, Зоран Заев ќе добие соодветна пријава. Сакам да ја известам јавноста дека не станува збор за никаков поткуп или корупција, туку за договарање и следење на процедурите околу донацијата која што ја доби Министерството од нашите пријателски служби“, стои во демантот.
Ставот на министерството за внатрешни работи беше дека станува збор за израелска донација за специјалната полиција, со точна сума и документација за договорот.
„Станува збор за помош која ја доби МВР, над 5,5 милиони евра помош за поголема ефикасност на специјалните единици. За сето ова постои официјален договор за донација, кој е класифициран со највисок степен како државна тајна“, соопшти помошникот министер за односи со јавност, Иво Котевски.
Познавачите на состојбите велат дека светската практика не познава објавување на каква било информација за соработка на две безбедносни служби, ниту пак објавување лични податоци за лица вработени во безбедните служби на други држави. Според нив, јасно е дека овие податоци може да ги обезбеди странска агентура со која во случајов очигледно соработуваат Заев и Верушевски.
Наташа Гркова- Петрушевска
