Кошарка, АБА Лига

МЗТ Скопје несреќно поразен и од Будуќност

12.01.2014 12:06

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија од Будуќност со 87-79 по продолжение, на гостувањето во Подгорица во рамките на 16.коло во АБА Лигата. Во основните 40 минути беше нерешено 70-70, но македонскиот првак потклекна во дополнителните пет, во кои го немаше Ѓорѓи Чековски поради пет лични грешки.

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија од Будуќност со 87-79 по продолжение, на гостувањето во Подгорица во рамките на 16.коло во АБА Лигата. Во основните 40 минути беше нерешено 70-70, но македонскиот првак потклекна во дополнителните пет, во кои го немаше Ѓорѓи Чековски поради пет лични грешки.

На нашиот тим му се повтори приказната од Широки, од дебито на клупата на тренерот Зоран Мартич, кога исто така беше поразен по продолжение во меч којшто лесно можеше да го добие. Слично беше и синоќа во „Морача“, иако овој пат ситуацијата беше обратна – противникот во едне момент водеше со убедливи 16 поени разлика (37-21) на двеипол минути пред крајот на вториот период. На чудесен начин, МЗТ изедначи на 37-37 по две минути во третата четвртина, со што фати резултатски приклучок и остана во игра за полн погодок до самиот крај.

Во неизвесниот и драматичен финиш и двете екипи се менуваа во водство, но ниту една не успеа да се радува на истекот на регуларното време. Заплетот го почна Гечевски со тројка во 37.минута за водство на МЗТ од 65-64, набргу потоа судиите му досудија непостоечка лична грешка во напад на Чековски по еден дуел со Акинделе, а нашиот тим ја пропушти победата кога при 70-70 на 26 секунди до крајот Шеховиќ направи чекори при влез кон кошот одкој дури и поентираше. Алекса Поповиќ промаши во последниот напад за Будуќност, по што Оташевиќ со звукот на сирената од половина терен го погоди обрачот и за малку не ги потопи домаќините.

Во продолжението, Витковац го понесе Будуќност до победата, погодувајќи пет од шесте слободни фрлања, од кои последните на 27 секунди до крајот за недостижни 83-77.

„Им честитам на моите кошаркари, некои од нив одиграа над своите можности. Немам што да им забележам, одигравме се како што се договоривме, но тоа не беше доволно за победа“, кратко изјави тренерот на МЗТ СКопје Зоран Мартил, по поразот од клубот чиј тренер беше пред неколку сезони.

Тодор Гечевски беше МВП на натпреварот со  индекс на корисност 28, откако постигна 22 поена (3/5 за два, 4/5 за три и 4/5 од слободните фрлања), а имаше и седум скокови и една украдена топка. Чековски имаше ефект од 17 коша, три скокови и две украдени топки, додека Шеховиќ и Дамјан Стојановски дадоа по седум поени за МЗТ Скопје.

Најдобри поединци на Будуќност беа Чедомир Витковац со 20 коша и осум скокови, Џелил Акинделе со 19 поени и осум скокови и Алекса Поповиќ, кој покрај 15-те коша имаше и пет скокови и шест асистенции.

 

Кошарка, АБА Лига, 16.коло

Будуќност – МЗТ Скопје Аеродром  87-79  по продолжение

Раднички – Црвена Звезда  73-78

Цедевита – Задар  83-59

Олимпија – Широки  77-62

Солнок – Цибона  63-64

Игокеа – Мега Визура  (недела)

Партизан – Крка  (недела)