МВР ќе поднесе кривична пријава за оддавање државна тајна
За делото оддавање државна тајна е пропишана затворска казна и до 10 години. И според законот за класифицирани информации неовластеното откривање на државна тајна законски се санкционира, велат од МВР...

МВР работи на изготвување нова кривична пријава против четвртоосомничениот во случајот „Пуч“ и за коруптивното кривично дело поткуп. За делото оддавање државна тајна е пропишана затворска казна и до 10 години. И според законот за класифицирани информации неовластеното откривање на државна тајна законски се санкционира, велат од МВР.
Мора да се потенцира дека лицето на вчерашната срамна и недостојна прес конференција изнесе бројни конструкции и лаги. Тоа што е уште поважно, презентираше детали од Договор за донација кој што е класифициран со најголем степен на тајност, односно „Државна тајна“, изјави на денешната прес конференција, помошникот министер за односи со јавност на МВР, Иво Котевски.
„Преку својот недоличен настап, осомничениот во случајот „Пуч“ го загрози кредибилитетот на македонските служби со што и директно ја доведе во опасност безбедноста на Република Македонија. Неговиот настап не може да се толкува никако поинаку освен како директен атак врз институциите на земјава и обид за урнисување на нивните капацитети. Освен кон македонските институции, со овој бесрамен чин, беше извршен атак и кон институции на држава, стратешки партнер на Република Македонија. Тој и практично, неосновано и недолично ја обвини Државата Израел дека исплаќала поткуп за да донира средства“, образложи Котевски.
