Претседателот Иванов на средба со македонската заедница во Пустец
03.04.2015 08:51
Правата на македонската заедница во Албанија беа тема на вчерашната средба на претседателот Иванов со албанскиот претседател Бујар Нишани...

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска ја продолжува дводневната официјална посета на Албанија со средба со македонската заедница во општина Пустец и со градоначалникот Едмонд Темелко. Ова е прва посета на Пустец на највисоко државно ниво, од претседател на Македонија.
Правата на македонската заедница во Албанија беа тема на вчерашната средба на претседателот Иванов со албанскиот претседател Бујар Нишани. Пред посетата на Пустец, во Тирана е предвидена средба на Иванов со поранешниот албански претседател, Бамир Топи.
Иванов вчера имаше средби и со премиерот Еди Рама, претседателот на Собранието Илир Мета, градоначалникот на Тирана, Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква, Анастасиј Јунулатос.
Македонците во Албанија одлучија на локалните избори на 21-ви јуни да бидат дел од коалицијата што ја предводи Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама. Веста за договорот ја соопштил Рама на неговиот Фејсбук профил, а договорот го постигнал со лидерот на Македонската партија, Едмонд Темелко.
На последните локални избори кога Темелко беше избран за градоначалник на Пустец, неговата партија коалицираше со демократската партија.
