Данските туристи ја отворија туристичката сезона на охридското крајбрежје

03.04.2015 10:51

Според програмата, тие ќе престојуваат во Охрид во месеците надвор од шпицот, со што ќе се продолжи туристичката сезона. Минатата година туристите од Данска остварија три илјади ноќевања, а годинава таа бројка се очекува да биде поголема за уште две илјади...

Со погача, локум, ракија и охридскиот специјалитет- ѓомлезе, во Охрид беа дочекани данските туристи кои ја отворија туристичката сезона. Воодушевени од гостопримството на домаќините тие изразија надеж дека ќе поминат прекрасни и незаборавни мигови крај синото езеро.

Два пати ја посетив некогашна Југославија и бев воодушевен. Во Македонија,поточно овде во Охрид ќе престојувам 22 дена и знам дека ова ќе биде убав одмор.“

„За Македонија прв пат прочитав во списанијата во Данска и веднаш знаев дека тоа ќе биде следната дестинација која ќе ја посетам“.

„Македонија е многу убава земја со прекрасна природа и затоа сакав да дојдам,да ја откријам нејзината убавина за која во Данска многу се зборува“, рекоа туристите кои ги анкетиравме.

За разлика од другите туристи, данците во Македонија ќе престојуваат три недели што ќе им овозможи да ги видат сите нејзини убавини.

„Во нивниот престој од 22 дена ќе имаат 10 екскурзии низ цела Македонија. Тука би ги наброил Свети Наум, Тиквеш, Битола, Струга, Вевчани, има тури и во соседна Албанија, до Тирана и Поградец, како и уште неколку екскурзии. Имаат осум вечери во национални ресторани со типично македонски јадења, но и во хотелот се трудиме максимално да биде традиционална храна и вино“, изјави Јаким МаленкоТ.А.„БИС-ПОЈ- Охрид.

Се очекува годинава данските туристи да остварат пет илјади ноќевања или две илјади повеќе од лани. Досегашните искуства говорат дека тие се најмногу заинтересирани да ги запознаат нашата култура, историските споменици и природните реткости, но и да уживаат во вкусот на традиционалната македонска кујна и добрата капка вино.

 

Сашо Нелоски