Македонија- кредибилен партнер на НАТО
Членството на Македонија во НАТО е императив, не само за нејзината безбедност, туку и за членките на Алијансата и на Балканот. Државава е кредибилен партнер на НАТО, потврдија учесниците на трибината, во чест на денот на Алијансата. Политичкиот дијалог е клучен за надминување на политичката криза...

Македонија е целосно подготвена за членство во НАТО.Тоа одамна го докажа со спроведените реформи,исполнетите стандарди и со учеството во мировните мисии. Актуелните политички случувања не смеат да се одразат на евроатлантското интегрирање. Политичкиот дијалог е неминовен. Ова беше потврдено и при неодамнешната средба во Брисел меѓу премиерот Груевски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Според првиот човек на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани, потребна е и поактивна улога на САД и на Европската унија.
„Како претенденти за членство во НАТО и ЕУ и стратешки партнери со САД со кој интензивно соработуваме во порцесот на евроатланските интеграции бараме и овој пат да ни подадат рака и со нивен ангажман и медијаторство да ни помогнат да се извлечеме од политичката криза“, изјави претседателот на Евроатланскиот совет, Исмет Рамадани.
Надминувањето на проблемот со името е сине кванон. Одлуката за членство е политичка и се носи со консензус,вели шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје Радев. Политиката на отворена врата останува, но, како што вели заменик-министерот за одбрана Лабништа, работата не е целосно завршена се до приемот на сите земји од Балканот.
„Членството во НАТО алијансата бара од нашата земја да ги реализира реформите во согласност со препораките во НАТО, бара коректност и политички дијалог од нашата земја, одговорност и посветено лидерство, донесување на храбри одлуки“, изјави заменик министерот за одбрана, Арбен Лабништа.
Македонија има силни лобисти за нашето членство.Турција останува наш стратегиски партнер.
„Македонија е важна земја за мирот и просперитетот на Балканот. Веруваме дека членството на Македонија во НАТО ќе биде императив за безбедноста, не само за државата, туку и за сите земји членки, за соседите и за регионот“, нагласи заменик амбасадорот на Турција во Македонија, Синан Ертај.
Македонија останува кредибилен партнер на НАТО. Потврда за тоа е дведецениското учество во мировните мисии.
Милчо Велески
