Два милиони евра за инфраструктирни проекти во Охрид

03.04.2015 15:49

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, денеска во Охрид го означи стартот на неколку инфраструктурни проекти чија вредност е околу два милиони евра. Средствата ги обезбеди Владата на Република Македонија преку Светска банка...

После повеќе од дваесет години денеска можеме да зборуваме за сериозни инвестиции во Охрид,кои ќе придонесат охриѓани да имаат подобри услови за живеење. Ова означувајќи го почетокот на неколку инфраструктурни проекти во градот го рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, посочувајќи дека дел од улиците не биле реконструирани дури четири децении.

Проектот како што кажа градоначалникот е во вкупен износ од 128 милиони денари, значи два милиони евра подршка од Светската банка и од владата на Република Македонија, директно за Охрид. За околу 5 километри локални и регионални патишта,за изградба и реконструкција на околу 6 улици во градот и два кружни тека“, изјави вицепремиерот Ставрески.

Со реконструкцијата на дел од улиците во центарот на градот се очекува да се намалат тесните грла кои се создаваат во текот на летната сезона.

„Ќе започнеме со реконструкција на улицата „Питу Гули за која што сметаме дека е една од приоритетните сообраќајни артерии на градот Охрид и која што во значителна мера ќе го подобри функционирањето на сообраќајот и движењето на патниците и стоките во централното градско подрачје“, нагласи градоначалникот Никола Бакрачески.

Вицепремиерот Ставрески најави и други инфраструктурни проекти во Охрид. За околу една година треба да се комплетира проектната документација и студиите за заштита на животната средина за изградба на патот до Пештани, ќе се инвестира во изградба во болницата „Свети Еразмо“, универзитетскиот комплекс и друго.

 

Сашо Нелоски