Поддршка од социјалните партнери за проектот „Македонија вработува“

03.04.2015 16:18

Наместо социјална помош ќе обезбеди сигурна работа и плата. Новите мерки се бенефит и за работодавачите. Ќе се раздвижи економијата, ќе се подобри животниот стандард...

Зелено светло од економско-социјалниот совет за проектот „Македонија вработува“. Ќе опфати 150 илјади невработени од сите категории  граѓани. Наместо социјална помош ќе обезбеди сигурна работа и плата. Новите мерки се бенефит и за работодавачите. Ќе се раздвижи економијата, ќе се подобри животниот стандард.

„Би сакал да ги поттикнам сите невработени кога ќе стапат во сила овие мерки да учествуваат и да аплицираат на јавните повици кои ќе бидат отворени од страна на приватните компании, но и да ги повикам приватните компании да земат учество во реализацијата на овие мерки, за кои верувам дека значително ќе придонесат за намалување на невработеноста во Република Македонија во период од една година во кој тие ќе се спроведуваат“, истакна министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Според првиот синдикалец пакетот мерки е уште еден пресврт во борбата против невработеноста. Корист ќе имаат и стечајните работници, а ќе се зголеми и јавната потрошувачка. 

„Прв пат се решава проблемот на една повозрасна категорија на работници за вработување, а имавме многу среиозни проблеми околу решавањето на тој проблем. Се влегува со категорија над 50 години“, изјави Живко Митревски – претседател на ССМ.

Мерките ќе значат и олеснување на работата на приватните компании. Ќе ги намалат трошоците за придонеси и ќе ја зголемат конкурентноста.

„Ќе им се овозможи оптимизирање на персоналните трошоци и ќе бидат поконкурентни на пазарот. Од друга страна, на вработените ќе им овозможи одржливо вработување“, смета Анета Петровска-Русомарски, Организација на работодавачи.

По одобровувањето од економско- социјалниот совет законските мерки влегуваат во собраниска процедура. Се очекува во текот на овој месец да бидат усвоени и да почнат да се применуваат.

 

Сунчица Николоска