Потпишан колективен договор во МЖ – Транспорт
МЖ-Транспорт најавува нови линии за патниците. Новите товарни вагони веќе го зголемуваат обемот на работа, а со патничките се очекува да се врати довербата кај патниците. Компанијата го подобрува своето деловно работење. Потпишан е Колективниот договор со репрезентативните синдикати...

Менаџментот и репрезентативните синдикатите на МЖ-Транспорт си подадоа рака. По 8 години ставија потпис на колективниот договор.Најголем дел од работниците сметаат дека со ова им се задоволени барањата, кои ќе донесат подобрување на нивниот статус.
„Сите барања ни се задоволени. Да не беше тоа случај, јас како претставник на 450 вработени во МЖ-Транспорт, не би го потпишал овој договор. Максимално се исполнети нашите барања“, изјави Александар Здравковски, Синдикална организација на железничарите.
„Нашите барања се во целост исполнети. Со овој колективен договор ние ќе имаме поголеми бенефиции“, нагласи Ѓоко Илиевски, Синдикална организација на подружница „Влеча на возови“.
Сепак, една од вкупно 8-те синдикални организации ја бојкотира работата на МЖ-Транспорт. Дел од машиновозачите останаа пред капијата на претпријатието, со барање да добиваат повеќе пари за работа во недела, за ноќна смена и за празници.
„Луѓето што го потпишаа договорот имаат работно време од 8 часа, не работат ноќе, за време на недела или за време на државни празниците. Тие го потпишаа колективниот договор затоа што ништо не губат, ние сме тие кои губиме“, вели Душко Чакаровски, Независен синдикат на машинскиот персонал.
Според директорот, оваа група работници, кои членуваат во еден од трите синдикати на машиновозачите, учествувала во разговорите, но имала екстремни и нереални барања.
„Нивните барања излегуваат од рамките на Законот за работни односи и од Општиот колективен договор за Јавниот сектор. Месечниот приход на еден машиновозач изнесува 36 илјади денари. Кажете ми кој во Македонија зема 36 илјади денари?“, изјави Никола Костов, генерален директор на МЖ – Транспорт.
Директорот Костов вели дека ако МЖ-Транспорт претрпи економска штета од бојкотот ќе има санкции замашиновозачите кои одбиваат да работат. Најави нови линии од Тетово, Велес и Куманово кон Скопје, како и деловни возови на релација Скопје – Белград и Скопје – Солун, со што според него, МЖ-Транспорт ќе се наметне како водечки транспортен оператор. Проценките покажуваат дека со новите товарни и патнички вагони обемот на транспорт двојно ќе се зголеми.
Мартин Пушевски
