Историски договор: Нуклеарната програма на Иран ќе биде само за мирнодобски цели

03.04.2015 16:53

Иранците го поздравија рамковниот договор за нуклеарната програма. За нив ова е крај на долгогодишните санкции, но и помирување со Западот и доказ дека атомските амбиции на иранската програма имаат мировни цели...

Како за време на фудбалски натпревар – пред телевизорите во полните кафулиња со внимание се следеша маратонските политички преговори, а потоа неизмерна радост и прослава ги преплавија улиците на Техеран. Со знамиња и свирење од автомобилите Иранците го поздравија рамковниот договор за нуклеарната програма. За нив ова е крај на долгогодишните санкции, но и помирување со Западот и доказ дека атомските амбиции на иранската програма имаат мировни цели.

„Целосното укинување на санкциите во замена за отстапки од Иран е дефинитивно во интерес на иранскиот народ“, изјави жител на Иран.

„Се израдував кога ја слушнав веста. Многу работи ќе се поправат, односите на Иран со Европа и со другите земји“, вели жителка на Техеран.

Рамковниот договор ќе отвори пат кон мирот и стабилноста на Блискиот Исток, изјави генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан ки Мун. Спогодбата ја поздравија лидерите шесте земји преговарачки и Европската Унија. Руското министерство за надворешни порача дека во неа е содржано се за што се залагал и рускиот претседател Владимир Путин. Претседателот на САД Обама ја нарече „историска“, но го предупреди Техеран дека ќе биде под строга контрола.

„Ако Иран мами, светот ќе дознае. Ако видиме нешто сомнително, ќе направиме инспекција. Ќе разговараме и за поранешните обиди на Иран да ја направи програмата воена. Со овој договор, Иран ќе се соочи со повеќе инспекции од која било друга земја во светот“, изјави претседателот на САД, Барак Обама.

Првата негативна реакција пристигна од Израел. Кабинетот за безбедност и израелската влада едногласно се спротивставија на договорот со Иран како закана за опстанокот за еврејската држава и како услов побара Техеран да го признае правото на Израел да постои. Американските републикански сенатори изразија сомневање дека на Иран не може да му се верува.

„Единствениот прифатлив договор ќе беше нуклеарно разоружување на Иран. Дури и ако Иран го почитува договорот, секој договор завршува по 10-15 години“, вели Том Котон, републикански сенатор.

И иранската тврда политичка линија, предводена од ајатолахот Хаменеи ја критукуваше спогодбата опишувајќи го како замена на „оседлан коњ“ за „искинати узди“. Рамковниот договор предвидува ублажување на санкциите против Иран во замена за намалување на неговата нуклеарна програма.

Сите страни во преговорите се согласни дека остануваат уште клучни прашања за решавање до конечниот договор за којшто рокот е на 30-ти јуни. Според експертите, ова е значаен чекор за стабилноста на Блискиот Исток, особено поради учеството на Иран во борбите против Исламска Држава, на коешто САД му прогледуваа низ прсти и влијанието во најновиот конфликт во Јемен.

Ивана Салтировска