Ракомет

Металург – Радовиш на отворањето на ракометниот плеј оф

03.04.2015 17:25

Реновираниот Металург по егзодусот на најдобрите играчи и подемот на Вардар, не е фаворит број еден. Но, Лино Червар и од овој состав ќе се обиде да извлече максимум...

Ракометарите на Металург тргнуваат во одбрана на домашната титула во натпревар со Радовиш пред своја публика. Овој двобој го означува почетокот на разигрувањето за тронот оваа сезона.

Реновираниот Металург по егзодусот на најдобрите играчи и подемот на Вардар, не е фаворит број еден. Но, Лино Червар и од овој состав ќе се обиде да извлече максимум и да биде сериозен ривал на црвено-црните. Првиот тест или најава на односот на силите во ова првенството, е  вечерашниот дуел со екипата на Радовиш која по суперлигашкиот дел го освои третото место.

Металурзите влегуваат како апсолутни фаворити и посакуваат да го одмаздат својот втор состав кој во последната рунда од основниот дел беше декласиран од радовишани кои во Автокоманда осигураа плеј оф.

Сега ќе имаат многу потешка задача но и голем предизвик да ги измерат силите со шесткратниот македонски првак. Металурзите не смеат да си дозволат никаков кикс во ситуација кога Вардар објективно е најквалитетен во моментов,  а Зомимак силно мотивиран да ја окупира вицешампионската  позиција  која обебзедува сигурно Сеха лига.

Натпреварот Металург-Радовиш се игра вечерва во салата во Автокоманда од 19 часот со пренос на нашиот собраниски сервис. Утре се на програмата другите два двобоја од првото коло: Вардар-Прилеп и Зомимак-Пролет..