Ракомет

Металург тргна со победа во одбрана на титулата

03.04.2015 23:30

Радовиш успеа само да се приближи на минус три но немаше сили за посериозна закана и пресврт. Првакот ја контролираше играта, рутинирано го држеше на безбедна дистанца противникот и триумфално го заврши дуелот со убедливи 26-20...

Ракометарите на Металург не дозволија изненадување на почетокот на патот до одбрана на тронот во домашното првенство. Со 26-20 совладан е тимот на Радовиш, третоплсираниот по суперлигашкиот дел од сезоната.

Гостите пружија отпор само 22 минути во кои одржува резултатска неизвесност и му беа рамноправен противник на фаворитот. Металург влезе во потребниот ритам откако успеа да стегне во одбрана и да одигра поагресивно.

Реновираниот состав на Лино Червар константно ја подобруваше и играта во нападот и го одмазди вториот тим кој во последната рунда од основниот дел, токму од радовишани доживеа убедлив пораз во Автокоманда и беше елиминиран од разигрувањето за титулата.

Максималните 4 позитива во финишот на првиот дел беа најава за случувањата во продолжението. За 17 минути игра во второто полувреме „металурзите“ обезбедија максимални 22-16 што им овозможи мирна завршница.

Радовиш успеа само да се приближи на минус три но немаше сили за посериозна закана и пресврт. Првакот ја контролираше играта, рутинирано го држеше на безбедна дистанца противникот и триумфално го заврши дуелот со убедливи 26-20.

По пет гола кај победникот постигнаа Стојановиќ и Ѓукиќ, додека поразените го имаа одличнот Паунов на голот со 14 одбрани и најефикасниот на мечот Ордев кој седум пати ја затресе противничката мрежа.  

Денеска се на програмата и другите два натпревара од воведната рунда во плеј офот: Вардар - Прилеп и Зомимак - Пролет.