65 години- листа на најбарани криминалци на ФБИ

04.04.2015 13:37

Како американското Федерално биро за истраги дошло на идеја за објавување на листа на најбарани криминалци? Македонската телевизија ексклузивно присуствување на обележувањето на 65-годишнината од објавувањето на оваа најпозната листа на криминалци во Америка…

Во далечната 1949-та година, еден американски новинар прашал ФБИ агент кои се 10 најопасни криминалци во Америка, и така се родила идејата за објавување на првата листа на најбараните криминалци. Веќе 65 години, ФБИ ја објавува оваа листа, која довела до резултати и апсење на многу криминалци по известување од страна на граѓаните. 

„Досега имало 504 луѓе на листата на најбараните криминалци. Од нив 473 биле уапсени. Важно е да се каже дека 156 биле уапсени директно по доставување на информација од луѓе“, изјави Марк Џилиано- заменик директор на ФБИ.

На листата на најбараните криминалци на ФБИ немало Европјани, но имало американски граѓани коишто биле барани за одредени кривични дела и биле уапсени во Европа.

„Сме имале бегалци коишто биле во странство. Имаме многу добра соработка со нашите партнери во Европа и многу  други земји во светот. Тоа навистина ни помогна за апсење на многу бегалци. Но секако немало бегалци во Македонија, колку што знам“, вели Џон Фокс- историчар на ФБИ.

Листата на најбараните криминалци редовно се ажурира и денеска. Најкратко на листата се наоѓал убиец на неколку ФБИ агенти во Вашингтон, само 2 часа, додека најдолго на листата се лицата коишто над 10 години успеваат да и избегаат на правдата.

Во моментов на списокот на најбараните криминалци на ФБИ најмногу има терористи, а можеби во иднина ќе има компјутерски криминалци.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ