Во Берово и Валандово почнува проектот „Наш специјалист“

04.04.2015 12:44

Во овие два града според анализата на податоците од системот „МојТермин“ имало голем број упатувања во двете специјалности-ортопедија и неврологија...

Почна имплементацијата на новиот проект „Наш специјалист“ на Министерството за здравство. Во Здравствениот дом во Берово денеска и во секоја наредна сабота од 8 до 15:30 часот, ортопед и невролог од скопските клиники ќе прегледуваат пациенти, а во Здравствениот дом во Валандово ќе прегледува невролог.
 
Во овие два града според анализата на податоците од системот „МојТермин“ имало голем број упатувања во двете специјалности-ортопедија и неврологија.
 
Во рамки на проектот, кој е резултат на последните измени на Законот за здравствена заштита, Министерството за здравство со патен налог упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа до три дена односно најмногу до пет дена, во текот на месецот.
 
Целта е надминување на проблемот во определени подрачја со недоволен број специјалисти или со недостиг од специјалисти во некоја област поради што граѓаните од некој град или регион за конкретната здравствена услуга се принудени да патуваат до најблиската клиничка или општа болница во подрачјето, со што се изложуваат на трошоци, а се прави и оптоварување на докторите кои работат во тие клинички и општи болници каде ја има таа специјалност.