Анализа на „Пју“: Исламот ќе доминира во 51 христијанска држава

04.04.2015 18:41

Во 51 денеска мнозински христијански држави, муслиманите ќе надминат половина од населението, покажува истражување на водечкиот светски институт за демографски трендови од Вашингтон. Во оваа група земји во наредните децениии првпат влегува и Македонија...

Исламот е најбрзорастечка религија и бројот на верници, според студијата на Пју центарот, ќе скокне од 1,6 милијарди во 2010 година на 2,76 милијарди до 2050-та. Муслиманите ќе бидат речиси една третина од проектираното светско население од речиси 9 милијарди луѓе. Гледано уште подалеку, и покрај предноста од 6 векови што ја има христијанството, исламот може да го надмине до 2100 година. Демографската промена посилно ќе се почувствува на ниво на државите. Анализата предвидува дека во 51 денеска мнозински христијанска држава, муслиманите ќе надминат половина од населението. Во оваа група првпат влегуваат Македонија и Нигерија, со тоа што демографската слика во нашата земја ќе се смени подрастично. Франција, Велика Британија, Холандија, Босна и Херцеговина се некои од земјите што ќе станат мнозински исламски, а во Европа повеќе од 10% од населението ќе биде муслиманско. 

Истото ќе се случи со австралискиот континент заедно со Нов Зеланд, Субсахарска Африка ќе биде дом на 40% од муслиманската популација, а Индија ќе ја надмине Индонезија по бројот на муслимани. САД и Бразил ќе бидат земјите со најмногу христијанско население, иако тоа ќе губи на бројност поради атеистите. Подем ќе доживеат хиндуизмот и јудаизмот, додека будистите ќе останат на сегашно ниво. Ќе расте и христијанството, но не толку експлозивно – бројот на христијаните ќе се зголеми од 2,17 на 2,92 милијарди луѓе, односно 31 процент од светската популација. До 2050 година, повеќе од 6 луѓе на планетава ќе бидат или христијани или муслимани.

Студијата на Пју центарот е направена по 6 години анализа на податоци од 234 земји. Се анализирале фактори како тоа дека муслиманските семејства имаат повеќе деца или казнивоста на напуштањето на исламот во повеќе земји. Сепак, иднината не може да се види во стаклена топка и овие бројки можат да бидат променети со катаклизмични војни, неконтролирани епидемии, природни катастрофи, а дури и економски кризи.

 

Марија Петковска