Се смирува напнатоста во односите Белград- Загреб

04.04.2015 19:01

Полека се смирува напнатоста во односите Белград- Загреб, предизвикана од воинствените постапки и реторика на Воислав Шешељ. Политичките водства на Србија и Хрватска разменија изјави во кои посочуваат дека регионот има потреба од стабилност. Додека чека враќање во Хаг, српскиот радикал прво го запали хрватското знаме, па рече дека ќе влезе во таа земја со борбено возило...

Со години отворените прашања како што се нерешената граница, враќањето на раселените, имотните прашања, решавањето на исчезнатите лица од конфликтот во 90-тите- посочуваа на застој во српско-хрватските односи. Затоа, неколку неодмерени постапки и изјави лесно ги разбранија духовите на минатото. Палењето на хрватското знаме од Воислав Шешељ и изјавата на министерот Александар Вулин, кулиминираа со протесна нота и повлекување на хрватскиот амбасадор од Белград.

„Бејскрајно сум среќен доколку зборот усташа е сватен како навреда. Драго ми е доколку и Хрватска истото го мисли“, изјави Александар Вулин, министер за труд во српската влада.

Целта на палењето на знамето е спречување на преговорите со ЕУ и разобличување на српско-хрватските односи-изјави Шешељ

„Тие мои постапки се само разобличување на правата суштина на односите, кои никогаш не биле добри. Хрватите секогаш вака се однесуваа во интерните контакти, а србите секогаш ги соблекуваа панталоните“, рече Воислав Шешељ.

Во обид да ги смират тензиите српскиот претседател Николиќ и хрватската претседателка Китаровиќ разменија писма со помирувачки тонови. Се огласи и Вучиќ.

„Србија нема да го повлече амбасадорот. Се однесуваме внимателно, а така ќе се однесуваме и во иднина, нема да праќаме лоши сигнали кон Хрватска“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.

Напнатоста во меѓусебните односи полека се смирува, со политички изјави за потреба за регионална стабилност, но и со констатација на аналитичарите дека малку треба тие повторно да се разбрануваат.

Хрватскиот амбасадор во вторник се враќа во Белград. Шешељ е сеуште во Белград, следен со своите постапки најмногу од Загреб. Останува енигма само кому најмногу му одговара влошување на српско-хрватските односи.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ