СОНК: Можна судска постапка против членови на Наставничкиот пленум

05.04.2015 16:48

СОНК ќе поведе судска постапка против членови на Наставничкиот пленум кои работеле против раководството. Од Синдикатот велат дека се загрижени од можноста дел средношколците да бидат изманипулирани, кои иако се постигна договор за математиката најавуваат бојкот на наставата. Во ваков случај, родителите се соочуваат со парични глоби...

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ги задолжи регионалните синдикати да откријат дали нивни членови се во таканаречениот Наставнички пленум и работеле против раководството. Ако се докажат незаконски дејствија, ќе бидат покренати и судски постапки.

„Наставничкиот пленум нема никакви основи да се обидува да биде паралелен партнер со сонк, ниту пак има било каква основа да се надева во сонк да бара сојузник за остварување на неговите намери“, пишува во соопштението од СОНК.

И покрај постигнатиот договор, математиката да не биде задолжителен предмет на државната матура, сепак, помала група средношколци најавува бојкот на наставата. СОНК апелира до родителите да не дозволат децата да бидат изманипулирани.

Во спротивно, законот е јасен. Во член 109 од законот, во случај на бојкот на наставата  пропишана е казна од 2.000 евра за родителот на малолетниот ученик кој не ја посетува редовно наставата. Статусот на редовен ученик престанува ако ученикот неоправдано 25 дена во континуитет не посетува настава. Член 53 се однесува на изостаноците според кој ученикот што во текот на наставната година направил најмалку една третина оправдани и неоправдани од фондот на часови по одредени предмети ќе полага дополнителен испит по истите предмети.

 

Андријана Атанасовска