Странските инвестиции ја намалуваат невработеноста
Новите инвестиции се шанса да се намали бројот на невработени кои според последните податоци на АВРМ во тетовско изнесува 13.232 невработени лица...

Расте бројот на странски инвестиции во западниот регион. Четири инвестиции и 3.000 нови директни работни места се очекуваат во наредниот период во тетовско. 2.500 вработувања ќе има во американска компанија која ја почнува браунфилд инвестицијата , додека италијанска компанија почнува со градба. Според премиерот Груевски договори ќе се потпишат за изградба на италијанска фабрика за производство минибуси и белгиска за метали. Новите инвестиции се шанса да се намали бројот на невработени кои според последните податоци на АВРМ во тетовско изнесува 13.232 невработени лица.
„Американска компанија ќе инвестира 16 милиони евра во ТИРЗ Тетово и тоа во фабрика за производство на компоненти за автомобилската индустрија со која се предвидува отвореање на 2.500 директни нови вработувања“, најави премиерот Груевски.
И во Кичевско идниот месец започнува и изградбата на фабриката на американската компанија КСС, инвестиција вредна 15 милиони евра. До декември ќе има вработување за триста луѓе, за работа во американската компанија веќе аплицирале 800.
„Ова ќе биде прва покрупна странска инвестиција во Кичево и кичевскиот регион и вработување на 1.000 луѓе ќе има многу големо значење, пред се можност за голем број на локални компании да започнат соработка“, вели Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.
За намалување на невработеноста и економски развој во идниот период ќе се засили соработката меѓу Сојузот на стопански комори и планските региони во земјава. Целта е да се обезбедат услови локалните бизнисите да се шират за да се отворат нови работни места.
„Продлабочување на ССК со општините на локално ниво за подобрување на условите за бизнис и отоворање на нови работни места“, рече Данела Арсовска, претседател на ССК.
Од 2008-та година до сега бројот на невработени во Тетово е намален за 11.500 лица, а бројот на невработени лица во Гостивар е намален за 6.700 лица.
Само годинава се очекуваат 25 нови странски компании да влезат во индустриските зони и да отворат нови 13.000 работни места.
Дијана Ценевска
