Истрели врз автобусот на фудбалерите на Фенербахче

05.04.2015 17:01

Откако извојуваа убедлива побета со пет спрема еден на гостувањето против Ризе, фудбалерите од турскиот гигант Фенербахче се најдоа во животна опасност. Автобусот со кој се превезувале враќајќи се од Истанбул беше нападнат од вооружена група...

Крвав спортски скандал во Турција. Откако извојуваа убедлива побета со пет спрема еден на гостувањето против Ризе, фудбалерите од турскиот гигант Фенербахче се најдоа во животна опасност. Автобусот со кој се превезувале враќајќи се од Истанбул беше нападнат од вооружена група. Со огнено оружје е ранет возачот, кој во животна опасност е пренесен во болница. За среќа ниту еден од играчите не е повреден. Раководството на Фенербахче смета дека целта била јасна, елиминирање на фудбалерите.

„Овој инциден воопшто не е едноставен. Јасна е целта да се убие или да се рани возачот. Сакале да биде ликвидиран, автобусот да биде уништен, а фудбалерите да загинат“, изјави Махмуд Услу – потпретседател на фудбалски клуб Фенербахче.

Првичните информации упатуваат дека возачот е најзаслужниот за избегнувањето поголема несреќа. Навреме ги забележал вооружените лица и го запрел автобусот, спасувајќи ги животите на фудбалерите.

„Ја одбегнавме смртта. Господ не заштити. Се надевам дека и возачот ќе биде добро“, вели Мехмед Топал.

Иако се уште не е познат идентитетот на напаѓачите, локалните медиуми шпекурираат дека тие се дел од навивачката група на трабзонспор. Турската полиција го расветлува инцидентот, за кој постои сериозна опасност да предизвика бран насилство на фудбалските терени во Турција.