Кошарка – НБА
Лејкерс тонат, а Харден, Вестбрук и Леброн не знаат за доста
06.04.2015 12:00
Болниот пораз боли уште повеќе, затоа што е во градската пресметка со Клиперс (106:78), кои што ги начекаа своите 5 минути и во секоја прилика го бришат подот со вториот најтрофеен (16, 17 титули има Бостон) НБА колектив...

Синоќешната серија мечеви во НБА лигата, ја одбележа неславниот клупски рекорд на Лејкерс, кои што го загубија 56-от меч во една сезона, што е катастрофален учинок за најгламурозната кошаркарска франшиза преку океанот. Болниот пораз боли уште повеќе, затоа што е во градската пресметка со Клиперс (106:78), кои што ги начекаа своите 5 минути и во секоја прилика го бришат подот со вториот најтрофеен (16, 17 титули има Бостон) НБА колектив.
По осум месеци пауза, Пол Џорџ ги победи и скршеницата на ногата и докторите кои што му предвидуваа подолго отсуство, со 13 поени, 2 скока и 2 асистенции, за 15 минути на паркетот во еден од клучните триумфи за Пејсерс. Индијана останува во битка за доигрувањето со победата над Мајами, 112:89. Скола имаше 23 поени со 12 скокови, Хил додаде 19, а Мајлс 17 поени. За Хит, Вејд постигна 29 поени, а Горан Драгиќ имаше 15 поени со 5 додавања.
Џеј-Ар Смит исфрли 8 проектили, Ирвинг еднаш погоди од своето поле, Леброн реализира нов трипл-дабл со 20 поени, 10 скокови и со 12 асистенции – Кливленд не му дозволи на Чикаго да си замине со крената глава, во тесната победа 99:94.
Харден и натаму е во мртва трка со Вестбрук, двајцата имаат по 27,7 поени по натпревар, но Хјустон e екипата што се радуваше. Оклахома загуби дома со 112:115, откако Брадата постигна 41 поен, а патем имаше по 6 скокови и асистенции. На спротивната страна, првата виолина на Тандер сезонава, постигна поен помалку со 11 скокови и со 13 додавања.
На другите средби:
Сан Антонио – Голден стејт 107:92
Њујорк – Филаделфија 101:91
Сакраменто – Јута 95:101
