Рејндерс: Да продолжи политичкиот дијалог
Во официјална посета на државава е заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Белгија, Дидие Рејндерс...

По покана на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, во официјална посета на државава е заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Белгија, Дидие Рејндерс.
„За Белгија пораката е многу јасна. Навистина од вас очекуваме да забележите напредок, за Македонија да влезе во Европската унија и во НАТО во одреден рок. Патот до ЕУ и НАТО треба заеднички да го поминеме. За да се постигне тоа, треба да се продолжи политичкиот дијалог“, изјави на прес- конференција белгискиот вицепремиер и шеф на дипломатија Дидие Рејндерс.
Од голема помош, рече министерот Попоски е доколку се испрати една силна порака дека НАТО и ЕУ ќе изнајдат начин да го направат покредибилен фактот дека Македонија треба да припаѓа во организациите во догледано време, со оглед на тоа што повеќе препораки од ЕК не се почитувани , покрај тоа што во делот на НАТО интеграциите Македонија е блокирана подолг временски период.
Покрај средбата со неговиот домаќин Попоски, Рејндерс беше примен од претседателот на државата Ѓорге Иванов и од премиерот Никола Груевски.
Посетата е во функција на поттикнување нови можности за билатерална соработка, како и соработка на мултилатерален план.
