Граѓаните во иднина ќе може да увезат најмногу до две стари возила годишно

06.04.2015 16:46

Предлогот е на Министерството за економија, а има за цел да ја оневозможи сивата економија, односно дивото препродавање увезени половни возила, без плаќање давачки.Се заострува и регистрацијата на возилата во станиците за технички преглед...

На граѓаните не им се забрзанува увозот на половни возила, туку се спречува сивата економија, нелојалната конкуренција и препродавањето без плаќање давачки. Ресорот економија подготви измени во регулативата, кои набрзо ќе ги разгледа Владата.

„Пракса во ЕУ е секој да може да увезе една кола од друга држава.Ние отидовме и чекор понапред. Значи секој граѓанин на РМ за една година ќе може да увезе две коли, не повеќе од две. Со тоа овозможуваме секој граѓанин да увезе кола, не го одземаме правото туку паралелно се бориме со сивата економија“, изјави Беким Незири, министер за економија.

Се менува и дополнува и законот за возила,особено делот околу  техничкиот преглед кој  треба да трае најмалку 10 минути за лесни возила,а записите за измерени издувни гасови, за исправноста на сопирачките и  на системот за управување стануваат дел од  регистрацискиот лист  на возилото. За прекршителите на овие одредби се предвидени  казни кои се движат од 300 до 5.000 евра.

„Забелешките воглавно се однесуваат на безбедносниот сегмент и се во дух на европските норми. Значи поголема контрола на нашето работење. Фактички очекуваме само повеќе да ни го трасираат повеќе начинот и работата да ни бидат полесни и да бидат целосно хармонизирани со европските норми“, изјави Зоран Василевски, претставник на станиците за технички преглед.

Се кратат роковите од 15 на 5 дена за одговор на државните органи по барање на граѓаните, а пред отуѓување возилото ќе мора да се одјави во МВР, но табличките ќе може да се пренесат на новиот газда.

 

Свето Николоски