Рејндерс: Продолжете со политичкиот дијалог и реформите, опозицијата да се врати во Собранието
Европската Унија и НАТО треба да се изјаснат дали во разумен рок Македонија ќе се придружи на меѓународните институции, повика шефот на македонската дипломатија Попоски, по средбата со белгискиот вицепремиер и министер за надворешни Рејндерс во Скопје...

Белгија може да помогне и регионално и во рамките на Унијата, таа е претседавач на Комитетот министри во Советот на Европа, што коинцидира со претседавањето на Македонија со Централно- европската иницијатива. Истовремено, Белгија, како полноправна членка на НАТО и ЕУ, е важна алка во содавањето на македонското досие за евроатлантските интеграции. За Македонија е од особена важност кредибилитетот на НАТО по Букурешт и 2008-та, и на ЕУ по првата нереализирана препорака за земјава во 2009-та.
„Од голема помош ќе биде да се испрати една силна порака до Република Македонија дека покрај тоа што повеќе препораки од ЕК не се почитувани, покрај тоа што во делот на НАТО интеграциите Македонија е блокирана подолг временски период, двете организации ќе изнајдат начин да го направат покредибилен фактот дека Македонија треба да припаѓа и во НАТО и во ЕУ во догледано време“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Реформите во правосудството, медиумите, законодавството преку Венецијанската комисија се патот кон преговорите со Унијата, поглавје по поглавје, за што се заложува Белгија.
„За Белгија пораката е многу јасна. Навистина од вас очекуваме да забележите напредок, за Македонија да влезе во Европската унија и во НАТО во одреден рок. Патот до ЕУ и НАТО треба заеднички да го поминеме“, изјави на прес- конференција белгискиот вицепремиер и шеф на дипломатија Дидие Рејндерс.
Македонија не е во војна со грција, напротив соработката е одлична и затоа веќе нема простор за изговори за наметнатата блокада и спор со името, изјави Попоски. Тој дообјасни дека Министерството ги нема добиено најавените мерки за градење доверба од атина.
Не разбираме каде е проблемот, кога во Холандија и Белгија постои регион со исто име, оцени шефот на белгиската дипломатија кој е првпат во земјава.
Тој оствари одвоени средби со премиерот Груевски и претседателот Иванов,при што биле нагласени пријателските односи и одличната соработка меѓу двете држави.
Белгија е 11-ти трговски партнер и во изминатиов период ги удвои инвестициите во земјава.
Зоран Богатинов
