Во Македонија се јаде безбедна храна!

06.04.2015 17:11

Ние сме тоа што јадеме, а надлежните тврдат дека храната што ја конзумираме е безбедна. Производите кај кои се забележани пестициди се отстранети од пазарот. За безбедна храна од нива до трпеза е мото на Светскиот ден на здравјето...

Граѓаните во земјава јадат безбедна храна, тврдат надлежните. Таа целосно се контролира - се земаат примероци од сите прехрамбени производи што се произведуваат во Македонија, но и од оние од увоз.

„Откриен е само еден производ, односно кромид каде што имаше недозволени количини на пестициди и тој производ е тргнат од пазарот“, изјави Зоран Поповски - директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Од друга страна, од Институтот за јавно здравје тврдат дека салмонелата и цревните инфекции предизвикани од ешерихија коли се во пораст. Но може да значи дека е последица на несоодветно чување на храната. Лани во земјава за прв пат имаше епидемија на листерија предизвикана од контаминирана храна.

„Беше проследена со висока стапка на смрттност дури 50 %. Од друга страна бруцелозата бележи тренд на опаѓање што се должи на повеќегодишните интерсекторски напори за намалување на инциденцата на оваа зооноза“, вели д-р Шабан Мемети - директор на Институтот за јавно здравје.

Здравствениот и земјоделскиот сектор се клучни во превенирањето на заболувањата од небезбедна храна, потребна е подобра соработка меѓу секторите- соглесни се надлежните.

Повеќе од 200-те заболувања се добиваат од затруена храна, од кои годишно во светот умираат околу 2 милиони луѓе. Под мотото „за безбедна храна од нива до трпеза“ - земјава го одбележува меѓународниот ден на здравјето.

Андријана Атанасовска