Хил: Македонците нема да го сменат името
Поранешниот амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Хил оценува дека решение на спорот со Грција е комплицирано, но дека меѓународната заедница не треба да очекува дека Македонците ќе си го сменат името. Како автор на книга мемоари за неговата дипломатска служба, Хил смета дека процесот на евроинтеграција на балканските земји не е завршена работа и дека САД треба да станат лидери во овој процес...

Соединетите Американски Држави го признаа уставното име на Република Македонија и овој спор со Грција долго трае бидејќи нема едноставно решение, изјави поранешниот американски амбасадор Кристофер Хил и актуелен Декан на Универзитетот за меѓународна политика во Денвер, Колорадо. На прашањето од Македонската телевизија каде го гледа решението на спорот, Хил одговори:
„Знаете ако имаше лесно решение, немаше да трае 20 години. Мислам дека одговорот се уште треба да биде некаков вид на пакет за име што ќе биде прифатлив за сите, но ќе го зачува уставното име. Македонија нема да го смени уставното име, но треба да се има некои дестинации што ќе помогнат да се надмине ова, но со сознание дека уставното име мора да остане. И мора да биде пакет со кој ќе се влезе во Европската унија. Многу работи не се во ред во моментов. Но истовремено мислам дека мора да има повеќе дискусија меѓу Македонија и Грција за ова. Дали некој може да го реши овој спор сега, мислам не. Знам дека Македонците нема да си го сменат името. За нив и за САД е Република Македонија. Но исто знам дека мора да има некој вид на процес од каде ќе има нешто и за Грците, но во овој момент не можам да кажам што би било тоа“, рече поранешниот американски амбасадор.
Хил којшто е автор на книга мемоари од неговата дипломатска кариера како амбасадор во Ирак, Македонија и преговарач со Северна Кореја, оценува дека Америка треба да ја преиспита својата надворешна политика и да ја преземе повторно лидерската улога бидејќи нема друга држава во светот која е подготвена да го направи тоа.
Амбасадорот Хил смета дека сите земји на Балканот се дел од Европа и дека процесот на нивната интеграција се уште е незавршена работа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
